Во вистински ракометен трилер одигран во Нант, данскиот Алборг славеше со 28-27 против домашниот Нант, во меч од групната фаза на Лигата на шампионите. Дуелот беше изедначен во најголем дел, а гостите од Данска со подобра завршница успеаја да си заминат со цел плен од Франција. Домаќините имаа напад за реми, но 20-те секунди не ги искористија.
Домашниот тим беше подобар во првото полувреме, кое го доби со 15-14 благодарение на инспирираните Каулди Одриозола (6 гола) и Ијан Тарафета (5 гола). Нант имаше водство и од два гола на стартот од вториот дел, но Алборг не се предаваше.
Клучен момент се случи меѓу 55. и 58. минута, кога Томас Арнолдсен и Мадс Хоксер Хангард погодија двапати по ред за целосен пресврт (25-27). Иако Тибо Бриет го врати Нант во игра, гостите беа постојани и со дисциплиниран напад ја задржаа минималната предност до крајот – 27-28.
Најефикасни кај Алборг беа Арнолдсен и Бустер Јуул-Ласен со по 6 погодоци, додека Кристијан Бјорнсен и Хангард постигнаа по 5 и 4 гола. Во редовите на Нант, најдобар стрелец беше Одриозола со 6, а Бриет и Тарафета додадоа по 5.
Данскиот голман Никлас Ландин повторно беше фактор со 11 интервенции, додека кај Французите Игнасио Биоска имаше 14 одбрани.
Алборг со овој триумф направи голем чекор кон горниот дел на табелата, и е на делба на првто место со 10 бода, исто колку и Берлин, а Нант останува со впечаток дека пропушти златна шанса да го совлада еден од фаворитите во групата.