Најскапиот женски клуб најде тренер

Само неколку дена пред стартот на подготовките за новата сезона, романскиот гигант и еден од најскапите женски клубови, ЧСМ Букурешт, остана без тренер откако Хеле Томсен си замина.

Раководството на романскиот првак мораше итно да реагира и да пронајде тренер кој веќе го познава тимот, а решението не беше многу тешко да се погоди – Адријан Василе.

„По заминувањето на Томсен, моравме веднаш да најдеме стабилна и сигурна опција, особено затоа што нè очекува првата сезона без Кристина Неагу. Дојдовме до заклучок дека токму Адријан Василе е човекот кој може да ги продолжи вредностите и успесите што ги постигнавме во последниот период – три титули во Романија во изминатите три години и 10 последователни четвртфиналиња во Лигата на шампиони“, изјави Кристина Варзару, тим-менаџер на ЧСМ Букурешт.

Василе потпиша договор на една година, за сезоната 2025/26, со јасно поставени цели – домашен хет-трик (три трофеи во Романија) и пласман на Ф4 во Лигата на шампионите.

„Ја следев екипата и минатата сезона – јас сум човек на клубот до крај. ЧСМ ми е во срцето. Имав позитивни разговори со раководството, и среќен сум што ќе бидам дел од иднината на клубот. Имаме интересна група ракометарки, со нова енергија. Нетрпелив сум да започнеме. Знаеме колку ни значи поддршката од трибините, и тоа што ќе го дадеме на терен – ќе се пренесе и таму“, изјави Василе.

Со враќањето во стручниот штаб што веќе добро го познава, Василе веднаш ќе ја преземе одговорноста, носејќи стабилност во клучен момент за клубот. Подмладениот состав, засилен со нови трансфери и безрезервната поддршка на навивачите, ќе имаат нова енергија и амбиции.