Од буџетот од 4 милиони евра на екипата за младите екипи се одвојува милион!
Романскиот клуб Глорија Бистрица со јасна амбиција тргнува во новата сезона – да го детронизира ЧСМ Букурешт и да го освои својот прв шампионски трофеј во лигата. Под водство на шпанскиот стратег Карлос Вивер, тимот ќе настапува и во новата сезона од Лигата на шампионите.
Буџетот на клубот за сезоната 2025/26 изнесува околу 4 милиони евра, од кои повеќе од 1 милион е наменет за младинската школа во која тренираат околу 500 девојчиња, а тоа ја прави Глорија клуб со најброен подмладок во романскиот женски ракомет.
Клубот направи целосна реконструкција на стручен штаб, а најголемиот трансфер изминатиот период беше ангажманот на Стефанија Стоика од Рапид, која ќе добива 15.000 евра месечно – највисока плата во клубот. Покрај неа, клубот вложи сериозно и во играчкиот кадар со имиња како Лаура Нусер, Паола Аркос, Моника Кобилинска, Џенифер Гутиерез, Дарија Букур, Лорена Остасе…
Капитенот Кристина Ласло, која минатата есен беше исклучена од тимот по конфликт со тогашниот тренер Флорентин Пера, потпиша нов договор до 2026 година. Нејзината месечна плата, според локалните медиуми, изнесува околу 10.000 евра.
Поголемиот дел од останатите интернационалки имаат договори во рамки од 7.000 до 9.000 евра месечно, со можни бонуси за перформанси – суми кои се комплетно конкурентни на европско ниво.
Глорија ќе ја започне сезоната на 23 август против Корона Брашов во полуфиналето од романскиот Супер Куп, додека премиерата во првенството е закажана за 30 или 31 август против Залау на Сара Стефаноска. Во Лигата на шампионите, првиот натпревар ќе го одиграат дома, против норвешкиот Сторхамар, на 6 или 7 септември.
Со сериозен буџет, силна селекција и јасна визија, Глорија Бистрица е подготвена за најголемиот предизвик досега – да стане шампион на Романија и конечно да го симне ЧСМ Букурешт од врвот.