Најдобрите европски клубови ќе го промовираат ракометот во САД

Четири европски клубови – Фуксе Берлин, Нант, Алборг и плус уште еден клуб ќе бидат дел од нивниот мега-настан што ќе се одржи во летото 2026 година на локација што сè уште се чува во тајност.

„Про Хендбол“ е организација со амбициозна мисија – да го направи ракометот „голема работа“ во САД. Настанот во 2026 година ќе трае 10 дена и ќе вклучи четири машки и четири женски клубови од самиот врв на европскиот ракомет.

Кај дамите веќе беа потврдени тимовите Ѓер, Брест Бретањ, Оденсе и Лудвигсбург, а сега се познати и три машки тима. Последното место останува празно, но од организацијата најавуваат дека работат на ангажирање на уште еден „топ клуб“ и наскоро ќе го објават.

„Ќе се игра турнирски систем – групна фаза, а потоа и финале. Воедно, ќе има и мечеви на репрезентацијата на САД против засега непознати противници. Планираме по три натпревари дневно во текот на десет дена“, потврдија од организацијата.

Локацијата во САД, арената и точните датуми сè уште не се откриени.