НАЈ НАЈ НАЈ…НАТПРЕВАР: Вардар – Еурофарм Пелистер, директен двобој за титула

Еурофарм Пелистер во годината во која одбележа 70 години постоење, ја освои третата шампионска титула по ред во македонскиот ракомет.

За првпат во својата богата историја, битолскиот гигант врза три последователни титули, испишувајќи ново златно поглавје и поставувајќи високи стандарди за идните генерации.

Момците на Раул Алонсо со предност влегоа во плеј-офот и делуваа како прв фаворит за тронот. Но, следеше шок – домашен пораз од Вардар, решен со голот на Горига во последната секунда, што го крена цело Скопје на нозе.

Но јунаците на мака се познаваат, па битолчани иако практично отпишани во мечот во кој на Вардар му одговараше и реми, успеаја да го освојат Скопје и да слават со 32-30 во натпревар што ја одбележа сезоната.

7 јуни 2025 – датумот што ќе остане запишан со златни букви во историјата на Еурофарм Пелистер кога беше додадена деветтата „ѕвездичка“.