„На тренинзите изгледаме како Барса, а на натпревар…“

Српскиот шампион Војводина го совлада Партизан во дербито на 4. коло со 32-24, но и покрај тоа тренерот Борис Ројевиќ, не беше задоволен од изданието на неговите момци.

Тој вели дека на тренинг Војводина изгледа како Барса, а на натпреварот ракометарите имаат најмалку десет грешки.

„Мој најголем проблем е што на тренинг изгледаме како Барселона, а на секој натпревар имаме барем по десет грешки кои не може да ги предвиди ниту еден тренер во светот. Тоа се такви глупости, не можам да верувам. Најголем проблем е што тоа не се случува на тренинг, па да можеме да ги поправиме“, вели Ројевиќ.

Војводина досега има четири победи на четири меча во српскиот шампионат, а сега ја очекува гостување кај составот на Уб и потоа дербито со Металопластика Шабац.

Тимот од Нови Сад оваа сезона ќе биде дел од Лигата на Европа и ќе гостува во Автокоманда кај македонскиот вицепрвак, а во групата се уште шпанската Ла Риоха и данскиот Силкеборг.