Со натпреварите од 11 коло од машката Супер лига се комплетираше првиот круг од регуларниот дел на сезоната, која има 22 кола, по што ќе се продолжи со разигрување за титулата и за опстанок. Вардар е единствен тим што заврши со максимални 11 победи и има предност од три бода во однос на второпласираниот Еурофарм Пелистер, четири од „соседите“ од Автокоманда, и пет од „гладијаторите“ од Охрид.
Сезонава сменет е системот на натпреварување во Супер лигата, и сега е важен секој меч, секој бод, пред да продолжи разигрувањето за титулата. Наместо пренесување на бодови од меѓусебните дуели, или почнување со бодови и разлика од 1-2 бод меѓу најдобрите и оние што се пласирале во ТОП 6, сега се пренесуваат сите освоени бодови.
Кога ќе заврши регуларниот дел, се продолжува со разигрувањето и со истите бодови кои ги имале екипите во регуларниот дел и разликата меѓу нив. Затоа сите екипи сакаат и мораат да победуваат секаде, и против аустајдерите и против директните ривали.
Она што е интересно е дека веќе се одвои четворката што ќе се обиде да се бори за титулата, па ќе останат две места кои треба да бидат пополнети за комплетирање на плеј-офот. Тиквеш (12 бода), Бутел (11) и Еурофарм Пелистер 2 (10) имаат најмногу шанси, а Пролет (9 бода) и Прилеп (8 бода) ќе чекаат шанса од позадина.
Гледано низ призмата на статистиката, најдобар напад има Еурофарм Пелистер (400 постигнати гола), а најдобра одбрана има Охрид со примени 238 гола. „Гладијаторите“ имаа 30 гола помалку примени од Тиквеш кој ја има втората најдобра одбрана во лигата.
Охрид е единствен тим што сите дерби средби (против трите екипи од големата четворка) ги одигра на гости и заедно со Еурофарм Пелистер единствено освоија гостински бодови во дерби дуелите на најдобрите четири екипи. Вардар е единствен тим што сите дерби средби ги играше како домаќин, и на сите победи.
Охриѓани се единствен тим што дома примил помалку од 100 гола (само 89). На домашните средби најдобра гол разлика има Еурофарм Пелистер (+84). Вардар е најдобар на гостински терен со 203 постигнати гости, најмногу од сите.
Ако се анализираат само меѓусебните дуели на „големата четворка“ тогаш Вардар има најдобар напад, со просек од 32 гол по меч и заедно со Еурофарм Пелистер се единствени што на дерби средбите постигнувале во просек повеќе од 31 гол. Само Охрид и Еурофарм Пелистер успеале да освојат бодови на гостински меч (и двете екипи ремизираа и освоија по бод во Автокоманда). Во продолжението во предност е Охрид кој на домашен терен ги чека сите „главни ривали“, а Вардар ќе треба да гостува на сите „жешки терени“.
Радовиш е единствен без освоен бод досега и има серија од 11 порази по ред. Втор „најлош“ е Куманово кој има серија од 10 порази, и само една победа (против Радовиш во првото коло). Гледано од дното нагоре, Радовиш, Куманово и Струга се засега најголемите кандидати за испаѓање, иако има уште многу да се игра. Но, факт е дека заостануваат многу во однос на Прилеп кој има 8 бода, двојно повеќе од Куманово.
Сега следува продолжението, и уште 11 кола пред да продолжи плеј-офот. Треба да се одиграат уште седум кола, по што ќе претстои пауза за подготовки за ЕП. Последното коло за 2025 треба да се одигра на 20 декември, а да се продолжи на 7 февруари.
Првото дерби во продолжението е на 12 ноември кога во Охрид треба да гостуваат „сините од Автокоманда“. На 29/30 ноември во Битола кај Еурофарм Пелистер доаѓа Кирил Лазаров со неговиот тим. Во истото коло во Охрид треба да гостува Вардар. На 10 декмеври треба да се игра и „вечното дерби“ во Битола, меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар. На 13 декември Охрид го пречекува Еурофарм Пелистер.
























