Романската легенда Луминица Дину во редовите на Кометал Ѓорче Петров доаѓа во многу тежок период за неа. На мајка и и е дијагностициран рак и докторите и даваат пет месеци живот.
Дину одлучува менталитетот на голем борец и победник да го насочи кон освојување на втората (во низа) титула во Лигата на шампионите.
„Тоа беше тежок период за мене. Пред да дојдам во Македонија на мојата мајка и беше дијагностициран рак и докторите и дадоа само пет месеци живот. Тогаш си реков нема да дојдам во Кометал за парите, ќе дојдам за резултат. Јас веќе имав освоено една титула со Крим претходната сезона и сега сакав повторно. Тоа и го кажав на екипата, јас имам искуство и знам како треба да се однесуваме, ја знам еуфоријата, чувството и затоа ајде да држиме високо ниво и до крај сè ќе биде добро, и така и беше. Секој ден на секој тренинг – ајде, ајде, ајде – и на првиот меч со норвешки Ларвик на гости, не играв. Бранев еден пенал! Сашо (тренерот Александар Панов) ме остави на клупата сè до последните десет минути, кога Ларвик водеше со шест гола разлика. Тренерот ми вели ’Дину на гол’. Му велам ’Јас, зошто? Губиме шест разлика!’ И тогаш си реков, ќе бранам за себе, за никој друг. Застанав и имав четири одбрани, но загубивме со седум гола. На враќање назад, во авионот ја викнав Индира да ми помогне да зборувам со Трифун. Плачев и му зборував: ’Зошто сум јас тука!? За да седам на клупа? Јас имам еден трофеј, знам како се одвојува пехар во ЛШ. Мајка ми е во болница, а јас сум тука и седам на клупа, дај ми да играм! Ми вели ’Ќе играш на реваншот!’ Му одговорив ’Зошто? Моите куфери се спакувани! Седум гола загубивме од Ларвик на гости! Жал ми е, си одам дома!’ Многу ми беше тешко после првиот меч и бев толку нервозна и си реков толку е – си одам во Романија! Куферите ми останаа спакувани. На реваншот во ’Кале’ салата беше преполна. Ја почнав на гол и го отвораме натпреварот 9-0!!! Ги победивме со седум разлика, и тоа поради гол повеќе на гости и така се најдовме во финалето. Потоа во финалето игравме со Ференцварош. Таму загубивме со два разлика, и пред реваншот гледам видео, анализирам и си велам – само два гола негатива, играме дома, имаме шанса. Ја држевме атмосфера на позитивно ниво, ајде девојки! Ја паметам еуфоријата, одиме на натпревар, а по улици навивачи пеат, викаат ’Ајде, Кометал Ѓорче Петров!’ Салата фул – полна… Атмосфера… И одигравме одлично, бранев 60 минути и победивме со четири гола… Паметам Индира дојде и ми викаше ’Лумиии освои втор трофеј по ред!!!’ Многу плачев, бев многу среќна. Каква прослава имавме на плоштадот. По прославата, Кометал си стоеше на зборот, ме исплати и си отидов дома и по четири дена, мајка ми почина. Тоа беше период исполнет со многу емоции, но тоа е животот.“
Интервјуто со Дину може да го прочитате во продолжение…
ИНТЕРВЈУ ЛУМИНИЦА ДИНУ: Македонија има ракометно срце, така беше и пред 22 години, така е и сега!