На кризата и нема крај: Колстад ќе крати плати!

Најголемиот норвешки ракометен проект продолжува да разочарува од ден на ден. Причината е финансиската состојба во клубот, а Колстад најави ново намалување на платите.

Клубот се соочува со уште eден процес на финансиски заштеди, а според информациите на норвешката ТВ2, ракометарите биле информирани дека се работи на финансиска реорганизација што најмногу ќе ги погоди играчите со највисоки примања.

Меѓу оние што би можеле да бидат засегнати се Сигвалди Гудјонсон, Горан Јоханесен, Магнус Гулеруд, Симeн Лисе и Андреас Паличка.

Од клубот потврдуваат дека новата стратегија е во подготовка, а извршниот директор Јостеин Сивертсен истакнува дека Колстад во иднина мора да биде „конкурентен, но и финансиски одржлив“.

За сега, од раководството не откриваат детали за можните намалувања на платите.

Пред неколку недели беше објавено дека норвешкиот шампион ќе ги игра натпреварите од Лигата на шампионите во помала сала со цел да ги намали трошоците.