Еден од најпознатите француски голман, Јан Жанти, иако планираше крај на кариерата, сепак ќе го има првото интернационално искуство на 43 години. Тој потпиша договор со грчкиот вицепрвак АЕК Атина и ќе го брани голот на тимот што е предводен од францускиот стратег Фредерик Бужан.
Жанти ќе го замени на голот на АЕК српскиот голман Игор Арсиќ, кој се пресели во Тиквеш, а ќе брани во дуо со Израелецот Дан Тепер.
Францускиот голман потекнува од Бијер, бранеше за Оријак, Истр, Сесон Рен, Шамбери, па во ПСЖ со кои освои две дупли круни во 2021 и 2022 година. Потоа мина една сезона во Лимож и една во Саран, а со француската репрезентација освои злато на ОИ во Токио.
Претходно АЕК реши да ангажира четворица грчки ракометари. Станува збор за десното крило Виктор Властос, кој по 12 години играње низ дански клубови се враќа во татковината, потоа средниот бек од Јоникос – Александрос Кукулас, средниот бек Димитрис Панајоту од Дукас и левото крило Армандо Сина од Драма.
Заминаа Малиос, Пападионисиу и Илиопулос, како и Мандалиниќ, Соколиќ, Лемос, Тике, Јонсон, Беласен и Том.
Своето деби за новиот клуб, францускиот голман ќе го има на Струшкиот турнир, кој стартува на 14 август.