На 37 години – Ивица Илиев ги „закачи патиките на клин“!

Средниот бек Ивица Илиев го одигра последниот натпревар во играчката кариера на гостувањето на неговиот Радовиш кај Пролет во суперлигашкиот плеј-аут.

Легендарниот велешанецот реши дека оваа сезона му е последна во богатата кариера во која остави длабока трага во македонскиот ракомет.

Потекнува од Борец Велес, играше за тимовите на Овче Поле од Свети Николе, Радовиш, Голден Арт, Борец ФЛ и на крајот повторно во Радовиш.

„Секој почеток има и свој крај .. огромна благодарност до сите свои соиграчи со кои сум ја градел својата кариера. Огромна благодарност и до тренерите кои допринеле да опстанам и постанам тоа што сум денес.. А најголема благодарност до мојата фамилија и навивачите кои во сите тешки моменти ме натерале да продолжам понатаму.. Не е ова крај само едно ново поглавје кое ќе продолжи и ќе трае .. Секогаш во служба на ракометот..Се гледаме до нови спортски успеси и нови поглавја..“, напиша Илиев.

Помогнати од него, ракометарите на Радовиш успеаја да изборат опстанок во Супер лигата и следната сезона во „25 Мај“ ќе се игра елитен ракомет.