Мустафа пак ќе се „трка“, но некои сметаат: Недозволиво е 81-годишник да нема конкуренција!

Герд Буцек, кандидат на Германскиот ракометен сојуз за претседател на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), јавно ја критикуваше актуелната состојба во светскиот ракомет, со фокус на долгогодишниот лидер на федерацијата, Хасан Мустафа.

Во интервју за Handball World, Буцек изјави дека е неприфатливо 81-годишен човек одново да се кандидира за функцијата без конкуренција.

„Сметам дека е неприфатливо 81-годишен човек повторно да се кандидира за претседател на светската федерација и да биде избран едногласно, само затоа што нема алтернатива. Ракометот е прекрасен спорт со огромен потенцијал. Меѓународната ракометна федерација треба да се води на многу помодерен начин“, вели Буцек.

Буцек ја призна заслугата на Мустафа за некои успешни договори во изминатите години, но укажа и на сериозни недостатоци.

„ИХФ има проблеми со недостиг на кадар и не ги користи постоечките ресурси оптимално. Со оглед на моето долгогодишно искуство во повеќе области од ракометот, уверен сум дека можам да придонесам. Ако продолжиме по истиот пат, во следните четири години нема да се смени речиси ништо“, продолжи тој.

Кандидатот од Германија тврди дека постојат и други потенцијални претенденти за претседателската функција, но дека атмосферата на страв ги одвраќа од кандидатура.

„Многумина се плашат да се спротивстават на Мустафа, делумно и поради лошите искуства на поранешни кандидати, како Жан Кајзер во 2009 година. Многу од потенцијалните кандидати имаат свои интереси – било да се работи за интереси на федерации кои сакаат да добијат организација на Светски првенства, или за лични позиции во ИХФ. Без поддршка од Мустафа, таквите позиции се речиси недостижни“, заврши Буцек.

Изборите за нов претседател на ИХФ ќе се одржат есенва, а оваа изјава сигурно ќе го разгори натпреварот за водство во светскиот ракомет.