Му дадоа отказ, ама заборавиле да го „одјават“ – ем хонорар од риалити шоу, ем плата од клубот!

Необична и правно комплицирана ситуација се развива во романскиот шампион ЧСМ Букурешт, каде што и покрај тоа што уште во ноември беше објавено дека Адриан Василе е разрешен од функцијата главен тренер, тој и понатаму официјално се води како шеф на стручниот штаб во клупските документи.

Иако разделбата со 43-годишниот тренер беше јавно соопштена на почетокот на ноември, договорот никогаш не бил формално раскинат. Дополнителен апсурд на целата ситуација е фактот што Василе во меѓувреме стана дел од риалити шоу „Surviror“.

Кон крајот на ноември, раководството на ЧСМ Букурешт за нов главен тренер ја именуваше Бојана Поповиќ. Сепак, поранешната црногорска ракометарка досега ниту еднаш не ја водеше екипата од клупата на натпреварите во романското првенство, бидејќи поради административни проблеми и доцнење со визата за државјани надвор од ЕУ, беше принудена натпреварите да ги следи од трибините.

И покрај тоа што Василе веќе не ја води екипата и не се појавува на тренинзите, преку својот агент побарал исплата на заостанатата плата за декември. Во Букурешт тој имал месечна плата од 9.800 евра, додека неговиот нов ангажман изнесува околу 6.000 евра месечно.

Генералниот менаџер на клубот, Јулијан Пислару, во изјава за „GSP“, потврди дека од правен аспект Василе и натаму е под договор со клубот, иако јавноста беше информирана дека е разрешен. Според неговите зборови, клубот во повеќе наврати испратил известувања до тренерот, но тој не реагирал и не се појавил на работа, тврдејќи дека никогаш немало директен разговор за раскин на договорот.

Во моментов, целиот случај го анализира правната служба на клубот. Што се однесува до Бојана Поповиќ, таа неодамна ја добила потребната виза, па доколку нема нови административни пречки, ќе може да ја води екипата од клупата веќе на следниот натпревар, иако веќе седи на клупата на натпреварите од Лигата на шампионите.

Од клубот дополнително појаснија дека Романската ракометна федерација потврдила дека не постојат проблеми, но фактот останува дека ЧСМ Букурешт во овој момент формално има договори со двајца главни тренери.

„Од перспектива на клубот, Адриан Василе требаше да продолжи да доаѓа на работа. Ние повеќепати го информиравме, но тој не реагираше и не се појавуваше, веројатно ангажиран со други активности. Никогаш лично не сум разговарал со него за раскин на договорот. Од наша гледна точка, тој и натаму е под договор со Букурешт, а случајот сега е во рацете на правната служба“, изјави Пислару.