Екипата на Вардар со победата над „сино-белите“ од Автокоманда со 24:21 во 12. коло од суперлигашкиот плеј-оф практично го осигура второто место и остана во игра за шампионскиот трофеј во Супер лигата.
Актуелниот бранител на титулата, тимот на Еурофарм Пелистер е во пол позиција, има 35 бодови на свое конто, додека „црвено-црните“ имаат 33. Ова ќе биде најнеизвесниот плеј-оф во ракометната историја во Македонија, бидејќи битолчани и вардарци до последното коло ќе се борат за трофејот.
Ракометарите на Вардар за последни ривали ги имаат екипите на Охрид и Бутел Скопје, додека Еурофарм Пелистер во последните две кола од плеј-оф фазата ќе се сретна со Струга и тимот од Автокоманда.
Вардар доколку посакува да дојде до враќање на шампионската титула ќе мора максимално да одработи на последните два дуели, но и да се надева дека неговиот вечен ривал ќе направи кикс во последното коло против вицепрвакот.
Доколку Вардар остане на второто место, тогаш и во следната сезона ќе игра најмалку во квалификациите за Лигата на Европа, а доколку Еурофарм Пелистер добие вајлд-карта за ЛШ, вардарци би можеле директно во група од второто по ранг натпреварување.