Репрезентативецот на Хрватска, Звонимир Срна, од лето ќе се пресели во Франција и таму ќе го носи дресот на Монпелје.
Левиот бек со раководството на францускиот клуб се договори на соработка со важност до летото, 2028 година.
27-годишниот ракометар, кој со Хрватска го освои среброто на Мундијалот 2025, вели дека трансферот во Монпелје е правилна одлука во неговиот избор.
,,Не жалам за ниту една одлука што сум ја донел во животот, вклучително и оваа. Морам да признаам дека сега многу луѓе ми велат дека можев да заминам во посилен клуб по настапот на Светското првенство, но не жалам што ќе одам во Франција, на нови предизвици“, изјави Срна во интервју за „ Вечерњи лист“.
Срна потекнува од тимот на Дубровник, а се пресели во Загреб во 2020 година. Мина една сезона на позајмица во Горица и потоа се врати во престолнината.
Со Загреб освои три двојни круни во последните три сезони, a најчесто е прв избор и во хрватската репрезентација на левата бековска позиција.