Репрезентацијата на Австрија е првиот ривал на Македонија во главната фаза на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Хрватска.
Австрија во главната фаза ќе стартува со два бода и со евентуална победа над „црвено-жолтите“ ќе има големи шанси за добар пласман на Мундијалот.
Селекторот на Австрија, Алеш Пајовиќ, истакна дека неговите избраници имаат шанси да победат на сите три натпревари во главната фаза, а за македонската репрезентација имаше пофални зборови.
,,Унгарија, Холандија и Македонија се репрезентации против кого имаме шанси. Можеме да ги добиеме сите три натпревари, но можеме и да ги загубиме сите три. Нашиот план е секако да победиме. Македонија има промена на генерацијата, освен ветераните како голманот Никола Митревски, пивотот Жарко Пешевски, дефанзивецот Никола Марковски, останатите се млади и надежни ракометари, голем дел од нив родени по 2000-та година. Просечната возраст на македонската репрезентација е 25,5 години. Тие се борбени, се борат, го даваат максимумот, исто како и моите момци”, изјави Пајовиќ.
Утрешниот натпревар меѓу Македонија и Австрија е на програмата од 15:30 часот.