Моралес: Со помош на публиката имаме големи шанси против Вардар

Ракометарите на Охрид по пласманот во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп се во добар моментум и посакуваат продолжување на победите и во Супер лигата.

Следен гостин во Охрид ќе биде вицепрвакот Вардар, кој исто така има успешна сезона во Европа и пред ова гостување обезеди место во ТОП 16 во Лигата на Европа.

Охрид веќе победи на домашен терен еден од фаворизираните состави – тимот на Кирил Лазаров, а дефанзивецот Ориол Реј Моралес го најави дерби двобој со „црвено-црните“.

„Вардар е многу тежок тим да се победи. Сега се во добра форма, но и ние имаме добра динамика и не сме иста екипа како пред два месеци. Имаме појасен систем и поголема самодоверба. Ако публиката дојде во сала имаме големи шанси да победиме“, изјави Моралес.

Натпреварот меѓу Охрид и Вардар се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19:30 часот.