Денеска и утре во Хамбург ќе се бијат битките за титулата во второто по ранг европско клупско натпреварување, Лигата на Европа.
Германски град е домаќин, три германски екипи се на Ф4, а единствен „натрапник“ е францускиот Монпелје.
Монпелје ќе се обиде да им ја расипе германската забава, но затоа ќе мора да биде подобар од гигантот Кил, со кој ќе се соочи во второто полуфинале од 18:00 часот.
Во првото полуфинале, Мелсунген предводен од екс тренерот на Вардар – Роберто Парондо, ќе се соочи со Фленсбург од 15:00 часот.
Oткако се игра Ф4 во овој европски куп, од 2012/2013 година, само два пати германски екипи не го освојувале трофејот.
На трофеј се радуваа унгарскиот ПИК Сегед во 2013/2014 и португалската Бенфика во сезоната 2021/2022. Во сите други изданија на Лигата на Европа, која претходно се викаше ЕХФ Куп, титули освојуваа Фленсбург, Фуксе Берлин, Магдебург, Кил, Гепинген…