Актуелниот европски првак Магдебург со стил ја отвори новата сезона во Лигата на шампионите.
Германскиот гигант пред своите навивачи го совлада ПСЖ со убедливи 37-31, освојувајќи ги првите бодови во групата Б, каде настапува и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
По првото полувреме домаќините веќе имаа предност од четири гола (21-17), а во продолжението само ја потврдија доминацијата.
Парижаните кратко се доближија на -3, но Магдебург брзо ја врати контролата и разликата постојано растеше, достигнувајќи и +7.
Најпрецизен кај победничкиот тим беше Феликс Клар со 11 гола, додека кај ПСЖ се истакна Камил Шипжак со 13 погодоци.