Младост останува на „максимум“ и со 17 гола разлика ја испрати Јехона дома

Поранешниот суперлигаш Младост од Богданци останува единствениот тим без пораз во Прва лига и по седум одиграни натпревари, откако на домашен терен со 45-28 (21-13) ја победи Јехона. Богданчани имаат максимални 14 бода и се лидери на табелата пред Драчево.

Добар почеток имаа гостите, поведоа трипати, но на стартот, а потоа се играше „гол за гол“, и се така до 19 минута кога беше 10-10. А потоа се беше во знакот на домашните, на Младост Богданци. Со серија од 6-0 за седум минути направија предност од 16-10 која им беше доволна за мирна завршница на првото полувреме. На полувреме предноста од 21-13 само најавуваше триумф, и тоа висок за богданчани.

Само што почна второто полувреме, за седум минути беше „раситнета десетката“ за водство 26-16, а потоа и првпат Младост имаше предност од 12 гола. Во 43 минута гостите побараа тајмаут најдевајќи се дека ќе можат да ја „спуштат“ разликата барем со една бројка. Но, наместо тоа домашните после три минути имаа „плус 13“ за водство 34-21.

Тука не застанаа домашните, па предноста до крајот на средбата се зголеми до максималните 17 голови откако Атанасов во последната минута зголеми на 45-28.

Лазар Адамовиќ со 10 гола беше најпрецизен на средбата и мешу домашните ракометари, а 8 гола даде Душан Каркалаш. Кај гостите Адис Салиу даде 9 гола.

Во следното коло Младост гостува кај Текстилец во Штип, кој има два порази досега.