Младост го „штиклира“ и Вардар Неготино – деби за 13-годишниот „бисер“ Лукиќ!

Прволигашкиот лидер, Младост Богданци, продолжува со одличните настапи оваа сезона, откако на гостувањето кај Вардар Неготино славеше убедлива победа од 35-24, за 14 победа на 14 натпревари.

Домашниот тим беше рамноправен противник во поголемиот дел од првото полувреме и во неколку наврати имаше предност од три погодоци. Неготинци одиграа квалитетни 40 минути и покажаа дека можат да се носат со фаворитот, но во продолжението гостите целосно ја преземаа контролата врз натпреварот.

Во второто полувреме ракометарите на Младост значително го подигнаа нивото на игра, што им овозможи полека да ја зголемуваат предноста. Во самиот финиш, избраниците на Горан Андоновски ја потврдија својата доминација и без поголеми проблеми стигнаа до убедлива победа.

Најефикасен во победничкиот состав беше Никола Димитров со 11 погодоци, додека значаен придонес дадоа и искусните Зоран Стојановски и Лазар Адамовиќ, кои постигнаа по седум гола. За гостите од Богданци дебитираше и Лука Лукиќ, 13-годишен ракометар од школата на Младост, кој е син на некогашниот репрезентативец и екс член на ТК Бренд, Младост Богданци и Металург, Далибор Лукиќ.

Кај Вардар Неготино, најрасположен за игра беше Ѓорѓи Орешков, кој натпреварот го заврши со десет погодоци.

Со оваа победа, Младост од Богданци дополнително ја потврди својата лидерска позиција и ја продолжи успешната серија во борбата за врвот на табелата во Првата лига.