Ракометарите на Младост Богданци славеа во прволигашкото дерби против Драчево со 29:26 и го заверија првото место во групата А со 37 бода.
Тоа значи дека клубот од Богданци во прволигашкиот плеј-оф ќе пренесе максимален број бодови, односно три, додека Драчево, кој во ланската сезона играше бараж за влез во елитата, ќе стартува со два бода.
Гостите од Скопје од почетокот, па до 25 минута имаа активен резултат, водеа со еден до два гола разлика, во еден момент имаа и плус три (10:7), но како одминуваше времето натпреварот носеше интересен тек. Во составот на Драчево падна ритамот на игра, домаќинот успеа да го искористи падот во играта на гостите и направи камбек во финишот од првото полувреме.
По 30 минути игра, резултатот беше 15:14 во корист на гостите, додека во најголемиот дел од второто полувреме имаше голема неизвесност. Во 37 минута поради три исклучувања црвен картон заработи членот на Драчево, Бојан Шумоски.
Иако Драчево осетно се одлепи, имаше 20:16 во 38 минута, домашниот тим со подобра игра пред сè во одбраната направи одлична серија од 4:0 и израмни на 20:20. По нерешените 21:21, младинскиот репрезентативец Николоски со својот петти гол му го донесе првото водство на домаќините, откако реализираше за 22:21.
Од тој момент се играше гол за гол, домаќинот ја презеде иницијативата на терен и до крајот имаше резултатска предност. Младост победата ја обезбеди со одличната игра во последните шест минути кога од 23:23 дојде на „плус три” 26:23 и веќе во тој момент беше јасно дека гостите ќе имаат тежок предизвик за да дојдат до камбек.
Најефикасен во победничката екипа беше Антонио Николоски со шест реализации, една помалку имаа Илија Чрчев и Душан Каркалашев. Кај Драчево се истакна Лазар Стојанов со седум погодоци.