Младост е нов лидер во Првата лига

Со шестиот триумф екипата на Младост е новиот лидер во машката Прва лига откако дома го победија тимот од Автокоманда со 31-30 (16-15). За „витамините“ од Скопје ова е прв пораз сезонава и остануваат на 12 бода, исто колку и Младост кој има натпревар помалку.

Во првото полувреме Младост повеќепати имаше предност од три гола, но во самата завршница гостите намалија на 16-15.
И во второто полувреме домаќините имаа водство. Во 57 минута Младост имаше водство од 30-27, а потоа гостите намалија на „минус 2“ по што домашниот тренер Горан Андонвски побара тајмаут. Наместо гол, домаќините направија техничка грешка, ја загубија топката и тимот од Скопје во контра намали на 30-29, и неизвесност.

Во последната минута Младост влезе со предност од еден гол и имаше и плус играч повеќе по исклучувањето што го изнудија домаќините.
Лазар Адамовиќ зголеми на 31-29, и останаа помалку од 30 секунди, во кои гостите единствено успеаја да намалат од пенал.

Во следното коло Младост е домаќин на Јехона.