Младост Богданци совлада и втор суперлигаш на подготовките!

Tимот на Младост Богданци, лидер во прволигашката конкуренција, продолжува со одлични настапи во подготовките за вториот дел од сезоната и јасно покажува дека има сериозни амбиции за место во елитата.

По победата против Тиквеш во Кавадарци, избраниците на Горан Андоновски триумфираа и на домашен терен, совладувајќи уште еден суперлигаш – Еурофарм Пелистер 2 со 33-30 (17-14) на вториот и последен пријателски натпревар.

Тимот на Андоновски нема голема конкуренција во Првата лига, па се очекува без поголеми проблеми да остане и напролет на првото место што води до Супер лига.

Ракометарите на Младост есенскиот дел од првенството го завршија без ниту еден загубен бод, а во продолжението од сезоната дополнително ќе бидат засилени со средниот бек Марио Миланов, кој треба да донесе уште поголема сигурност во играта.