Тимот на Младост Богданци работи активно на планот на формирање на ростерот и борба за Супер лига наредната сезона. Некогашниот репрезентативец на Македонија, Горан Андоновски, е најсериозниот кандидат за преземање на клупата во Богданци, дознава 24Ракомет.
Андоновски минатата сезона ја мина во Косово, каде што беше тренер на машкиот тим Раховец и женскиот тим Самадреџа, и со двата состави оствари одлични резултати.
Охриѓанецот покрај во матичниот клуб со кој беше дел и од ЕХФ Европскиот Куп, работеше и во кавадаречки Тиквеш во два наврати.
Во Богданци, Андоновски би требало на клупата да соработува со уште еден поранешен репрезентативец – Митко Стоилов, кој го водеше Младост во минатите неколку сезони.
Младост Богданци сезонава ги пропушти своите шанси во прволигашкиот плеј-оф и не успеа да се најде на првите две места, но богданчани се решени наредната сезона да се вратат таму каде што припаѓаат – во елитната конкуренција.
Покрај преговорите со Андоновски, во Богданци работат и на играчкиот кадар, кој ќе претрпи измени во пресрет на новата сезона, во која се влегува со суперлигашки амбиции.