Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Никола Роглев, претстојниот викенд ќе го одигра последниот натпревар во богатата кариера што трае повеќе од 25 години. Десниот бек на Младост Богданци, кој своевремено важеше за еден од најголемите таленти на таа позиција, но кариерата не му се одвиваше според предвиденото, викендов ќе се прости од активното играње на мечот од прволигашкиот плеј-оф против Македонија Ѓорче Петров.
Роглев кариерата ја започна во неговото родно Богданци во тогашниот тим на Младост Богданци уште на 13-годишна возраст 1999 година во младинските категории. Потоа влезе и во првиот тим на Младост Богданци, кој во тоа време играше и во европските купови и имаше играчи од типот на Турченко, Сичов, Горбах, Драгиќ…па Телепњев, Подосинов, Потапкин, Кирилов…а тренери беа Петковиќ, Савевски, Станиќ….
Беше дел од кадетската репрезентација кога селектор беше Гоце Бозароски со генерацијата на Кукоски, Левов, Маркоски, Илиевски, Пецаковски, Трајкоски….како и од младинската селекција каде предводник беше Благој Лазаров во генерацијата на Даскаловски, Димковски, Филип Лазаров, Бетувски, Недановски, Петлески…
Роглев освен во Младост Богданци, беше дел од МРК Вардар, кој важеше за клуб каде младите таленти почнуваа да ги градат своите кариери. По две години поминати во МРК Вардар, Роглев се враќа во Младост Богданци, а потоа одново прави трансфер во Скопје, во екипата на Македонија Ѓорче Петров, против која ќе го одигра последниот натпревар. Во 2011 година пак прави камбек во Богданци, каде останува до 2017 година во новоформираниот Младост 09.
Потоа во 2017 година заедно со Митко Стоилов и повеќе искусни ракометари го враќаат Младост Богданци на ракометната мапа, формираа и Академија Младост, каде тренираат многу млади ракометари од Југоистокот.
Покрај играчката кариера, Роглев паралелно работи и на тренерската кариера, а младинските категории на Младост Богданци три пати во последните четири сезони се меѓу најдобрите три во Македонија. Од септември ќе се посвети само на тренерскиот занает и ќе го пренесува своето знаење на младите ракометари.
„Ќе продолжам како дел од стручниот штаб на Младост со цел создавање на нови и идни ракометни генерации и откривање на нови ракометни таленти како и враќање на тимот од Богданци на старите патеки пласман во Супер Лига со вложување на домашни играчи. На сегашните и идни ракометари во Младост и низ Македонија им порачувам секогаш да бидат упорни, да работат макотрпно, да веруваат во себе, во невозможното, да живеат спортски, да се почутиваат себеси, да ги почитуваат тренерите кои ги откриле и создале бидејки само со многу работа, почит во спортот се е возможно, и да имаат успешни и долгогодишни ракометни кариери“, изјави Роглев.
Последниот натпревар во играчката кариера на Роглев ќе се игра во салата „Млаз“ во Богданци“ в сабота од 20:00 часот, а пред тој натпревар ќе им бидат доделени бронзените медали на младинците на тимот од Богданци, кои завршија на третото место во лигата.