Тимот на Младост Богданци ја запиша третата победа во прволигашката сезона, откако победи на тешкото гостување кај Македонија Ѓорче Петров со 32-29.
Домаќинот одржуваше рамнотежа во првите десетина минути, но потоа момците на Горан Андоновски полека ја преземаа контролата и поведоа со 11-6.
Беше и плус седум за гостите, 15-8, а во последните десетина минути се влезе со нивна предност од пет гола, 30-25.
Тогаш борбениот домаќин за момент внесе неизвесност, намали на минус два, но потоа погодија Андоновски и Димитров, па немаше време за „дробилицата“ да се надева на камбек.
Даниел Андоновски беше предводник на Младост Богданци со десет гола, Лазар Адамовиќ даде седум, а шест пати стрелаше Зоран Стојановски, додека во составот на Македонија Ѓорче Петров се истакнаа Михаел Тотиќ со седум и Боби Неделковски со шест погодоци.
Младост Богданци има три од три досега и се наоѓа на врвот на табелата заедно со Драчево Јуниор и „витамините“ од Автокоманда. Во следното коло Младост Богданци игра дома со Овче Поле, а Македонија Ѓорче Петров ќе гостува кај Јехона.