Младите ракометари на Динг од Струга со злато се вратија од Лесковац

Младите надежи на РШ ДИНГ 2021 од Струга со вистински мини-ракометен подвиг го заокружија настапот на 18. издание на меѓународниот турнир „Метеор 2025“ во Лесковац (Србија). Во третодневната програма нашите ракометари се вратија со злато во категоријата М12 (до 12 години), а го добија и признанието за најдобар голман кое лани го освои Николовски, но не го зема бидејќи тогаш екипата порано си замина за Струга. Тимот настапи со уште две екипи во М14 и М16.

Турнирот и годинава имаше силна регионална димензија и одлична организација. Настапија екипите на: Дубочица Лесковац, Смедерево, Вождовац Белград, Јастребац (Србија), РШ ДИНГ 2021 Струга, Преспа Ресен (Македонија), Слога Прњавор (Босна и Херцеговина) и Потисје Плетекс Ада (Унгарија/Војводина). Се играше во три возрасни категории: М12, М14 и М16.

Финалето на М12 заврши нерешено во регуларниот дел, а во серијата од седмерци малите стружани покажаа челик-нерви и карактер. За РШ ДИНГ прецизни беа Бебекоски, Милошески и Коцарески, додека противникот двапати промаши, а еден обид мајсторски го одбрани голманот Николовски. Со ова, по минатогодишното сребро, годинава заслужено блесна златото.

Организаторите го доделија признанието МВП на нашиот Л. Милошески – логичен избор поради неговата смиреност во клучните моменти и константното добро играње. Дополнително, со една година „задоцнување“ беше исправена и една неправда: Н. Николовски официјално ја доби наградата за најдобар голман од претходното издание, која лани не можеше да ја преземе поради предвремено заминување на екипата.

На турнирот клубот од Струга настапи и со генерациите М14 и М16 кои одиграа тактички зрело и физички моќно, со добар баланс меѓу цврста одбрана и брза транзиција.
Настапот во Лесковац беше повеќе од уште еден турнир: партнерства, фер-плеј, нови пријателства и учење од силни противници.