Младите пелистерци годината ја завршија со триумф и остануваат во игра за плеј-офот

Еурофарм Пелистер 2 заминува на мини пауза и ја завршува годината со триумф, 32-25 против Пролет, и битолчани остануваат со релани шанси во последните четири кола од регуларниот дел на сезоната да изборат место меѓу најдобрите шест екипи и да разигруваат за титулата. По 18 одиграни кола Еурофарм Пелистер 2 е на 7. место со 17 бода, само едне помалку од Тиквеш и од Бутел.

Борбата за двете места (5. и 6.) кои водат во плејофот ќе биде меѓу четири тимови, Бутел, Тиквеш, Еурофарм Пелистер 2 и Прилеп. Разликата меѓу нив е два бода, а остануваат до крај од регуларниот дел уште четири кола.

Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Пролет беше многу важен за домаќините, и така и започна мечот. Домаќините поведоа со 5-1 во 7 минута најавувајќи дека нема да дозволат да им биде земен ниту бод. Тоа почетно водство на битолчани се провлекуваше низ целиот меч. На полувреме предноста беше 16-9.

Во второто полувреме домаќините само ја одржуваа предноста, и во завршницата гостите намалија на негатива од пет гола, но нема сили за повеќе.

Мохамед Азиз Бен Махфоуд со 10 гола беше најпрецизен на средбата, и кај Еурофарм Пелистер 2, а седум гола даде Петар Марковски. Кај гостите седум гола даде Давор Палевски (5 од пенал), а еден помалку даде Андреј Стојановски.