Младите пелистерци го освоија Куманово

Еурофарм Пелистер 2 славеше со 30-28 на гостувањето во Куманово во рамките на третото коло од Супер машката лига, и имаа водство во текот на најголемиот дел од средбата.

Гостите од Битола ја наметнаа својата игра уште од самиот почеток и на полувреме заминаа со предност од 15-12, пред сè благодарение на ефикасните Петар Маркоски и Ненад Белистојаноски.

Куманово имаше проблем со реализацијата во првиот дел, но во продолжението одигра поагресивно и успеа неколку пати да се доближи на само еден гол разлика.

Тоше Ончев беше најрасположен кај домаќините со 9 погодоци, и со четири гола по ред од 53 до 59 минута му овозможи на својот тим од негатива 23-27, да дојде до гол заостанување, 27-28. Гостите преку Белистојаноски зголемија, а потоа во последните секунди Баптис го постави конечниот резултат.

Кај победничкиот тим најефикасни беа Белистојаноски со 7/7, Маркоски со 7/8 и Баптист со 6 погодоци.