Селекторот на машката младинска ракометна репрезентација, Наум Танески по повеќемесечна месечна пауза повторно ги става во погон младите ракометари во репрезентацијата. За следните денови се планирани две контролни средби со Словачка во Скопје, каде треба да се види формата на репрезентативците.
Првиот натпревар против Словачка е закажан за 30 октомври (четврток) во спортската сала „Јане Сандански“ со почеток во 18 часот, додека втората средба ќе се одигра на 31 октомври (петок), исто така во „Јане Сандански“, со почеток во 14 часот.
„Сите играчи се тука и се одзваа на повикот. Имавме голем вакум по настапот на Европското првенство и овие натпревари ќе бидат важна проверка за да видиме на кое ниво сме моментално. Целта е да воспоставиме континуитет со почести собири и натпревари“, изјави селекторот Танески.
Тој додаде дека е задоволен од формата на играчите и потенцира дека оваа група има потенцијал за напредок.
„Овој пат имаме 19 повикани ракометари. Дел од нив се веќе стандардни во младинската селекција. Генерациите 2006 и 2007 ќе бидат основата на идниот тим. Играчите добро настапуваат во своите клубови и тоа се гледа на теренот.“
Селекторот исто така најави дека натпреварите со Словачка ќе бидат искористени за тестирање на различни формации и тактички решенија.
„Двата натпревари ќе бидат отворени, без специфичен резултатски притисок. Најважно е да играме, да продолжиме со подготовките и да го задржиме континуитетот. Во декември планираме уште еден собир и дополнителни пријателски средби.“
Со овие два натпревари младинската репрезентација започнува нов циклус подготовки, со цел подобра организација, константна работа и создавање тим кој ќе биде подготвен за идните големи натпреварувања.


























