Младинците на Еурофарм Пелистер повторно ќе играат во Лигата на шампионите!

Актуелениот кадетски шампион на Македонија, Eурофарм Пелистер (генерација 2008) продолжува да гради своја европска репутација со учество во Лигата на шампионите, најелитното клупско ракометно натпреварување за млади во Европа.

Ова е потврда за посветеноста, дисциплината и високото ниво на работа на младите ракометари и стручниот кадар на клубот.

Минатата сезона, генерацијата 2006 го постигна најголемиот успех на македонска младинска екипа на европската сцена, пласирајќи се на Ф4 турнирот во Келн и влезе меѓу најдобрите четири тимови во Европа. Овој резултат постави високи стандарди за следните генерации и инспирација за сегашната кадетска екипа.

Генерацијата 2008 ја продолжува оваа успешна традиција, претставувајќи го Еурофарм Пелистер, градот Битола и Република Македонија на највисоко европско ниво.

Клубот континуирано инвестира во младинските категории, градејќи силна база за идни ракометни шампиони и унапредувајќи го угледот на македонскиот ракомет на меѓународната сцена.

Групите, како и домаќините на турнирите за новата сезона ќе бидат познати наскоро.