Женската репрезентација на Македонија го одработи последниот тренинг во Скопје и замина за Хрватска каде ќе биде дел од „Кроација Куп“.
Десниот бек Ива Младеновска ќе го има вториот настап на големо натпреварување во сениорска конкуренција, па по ЕП 2022, ќе заигра и на ЕП 2024.
Таа вели дека треба да се размислува дека може да парираат на секој ривал.
„Мислам дека е добро што имаме два контролни натпревари пред првенството, ќе видиме до каде сме, кои ни се можностите и што може да очекуваме од настапот на ЕП. Имаме доволно време за подготовка и потоа мислам дека може да играме со секој, така треба да размислуваме сите и се надевам на добар резултат на сите три меча“, вели Младеновска.
Ракометарките одиграа пет контролни средби во две ЕХФ недели, ги чекаат уште две, па Младеновска очекува сите да покажат на теренот што знаат.
„Ние веќе сме подолго време заедно, одигравме многу натпревари заедно, овој спој не е нов, но мислам дека ЕП ќе биде вистинска можност за сите ракометарки, да се покаже колку добро сме работеле индовидуално и колективно, и тоа што го умееме да го покажеме на теренот“, заврши десниот бек.
Македонија го стартува настапот на ЕП 2024 со дуел против Шведска на 28 ноември, на 30 ноември е пресметката со Турција, додека на 2 декември ќе играме со Унгарија.