Младиот македонски стратег Александар Темелковски од оваа сезона има нов предизвик во кариерата. Тој е нов тренер на екипата на Звезда Логатец, која се натпреварува во Првата Б лига во женска конкуренција во Словенија.
Кавадарчанецот дебитираше со победа на клупата на Звезда Логатец, која во второто коло славеше дома против Врхника со 30-28. Во првото коло кога тимот од Логатец загуби кај вториот тим на Крим, Темелковски не беше на клупата.
Лани Звезда Логатец беше во Првата А лига на Словенија, а амбициите на клубот се со Македонецот да изборат место меѓу најдобрите осум екипи.
Темелковски, кој има 28 години, во играчката кариера го носеше дресот на Тиквеш, беше на еден собир на кадетската репрезентација на Македонија, но престана да се занимава со активно играње ракомет и беше дел од тренерите во академијата на Вардар.
Во 2018 година се пресели во Словенија, работеше во клубот Љубљана, а потоа се пресели во Логатец и до крајот на минатата сезона ги предводеше сите младински категории во клубот Кронос со кој имаше повеќе успеси.
Следен и голем предизвик за Логатец, каде што игра и македонската интернационалка Ива Димитриевска, ќе биде полуфиналето од Супер Купот на Словенија в петок против Крим.