Машката младинска репрезентација на Македонија е на добар пат кон главната рунда на Европското првенство во Словенија и во битка со Австрија ќе решава за првото место во групата.
Но дури и да загуби од Австрија и да заврши на второто или на третото место, Македонија најмалку ќе биде меѓу четирите најдобри третопласирани што значи пласман во разигрување од 9 до 16 место на континенталниот собир.
Тоа речиси значи пласман на Мундијалот во Полска во 2025 година, ако се знае дека Европа има 15 места на СП за младинци идната година, а доколку Полска влезе во ТОП 16, тоа значи дека и 16 место на ЕП ќе носи мундијалски билет.
Светското првенство за младинци ќе се игра од 18 до 30 јуни 2025 година во Полска, а пласманот за оваа генерација ќе биде четврто големо натпреварување по кадетскиот ЕХФ шампионат во Летонија во 2022, кадетското СП во Хрватска во 2023 и младинското ЕП во Словенија што тековно се игра.