Митун ни даде 15 гола, Македонија тргна со пораз на СП!

Машката младинска репрезентација на Македонија со пораз од 33-28 од Фарски Острови го отвори настапот на Мундијалот во Полска. Сега на следните две средби, момците на Раде Стојановиќ ќе мора да слават две победи за да се пласираат во главната рунда на Мундијалот. Македонските репрезентативци немаа решение за средниот бек Оли Митун, кој погоди дури 15 пати.

Галевски отвори со одбрана, а Македонија поведе преку Калајџиески. Најопасниот кај Фараните, Митун израмни набрзина, а тој беше стрелец и на следните пет голови кај противникот. Судиите Алтмар и Хорват од Унгарија, уште на стартот престрого го исклучија Петковски и покажаа дека ќе санкционираат и не толку остри стартови.

Македонија водеше со два гола десетина минути, 4-2, 5-3, 6-4, Галевски фати и пенал, но немавме решение за Митун и Фарски ОСтрови израмни на 6-6. Потоа се играше гол за гол, но капитенот Стојановски заработи второ исклучување, казнети беа и Калајџиески и Карасманакис, па по дваесетина минути Фарски направи пресврт.

Водеа ривалите со 10-9, a по одбраната Сиверстен бевме казнети уште еднаш за негатива од минус два, 12-10. Направивме комплетен пресврт со три гола во серија, и потоа продолжи играта гол за гол. Галевски уште еднаш покажа дека е мајстор за пенали и не му дозволи на Митун да донесе плус два на паузата, па остана водството од 16-15 за противникот.

На стартот на вториот дел Фарски Острови форсираше варијанта „седум на шест“, погоди два пати за 18-15, а постот од шест минути без гол и три нереализирани напади го прекина Калајџиески за 18-16. Шулески влезе во игра и изнуди пенал, но Петковски не го погоди, па Фараните отидоа и на плус четири, 21-17.

Македонија намали на минус два, 21-19, имаше и шанса за минус еден, но се разбрани и Сиверстен на спротивната страна, па одново беше водството четири гола за ривалите, 23-19. Митун продолжи да диригира во играта на Фарски Острови и беше 26-22, а капитенот на Македонија, Андреј Стојановски заработи црвен картон по третото исклучување.

Потоа Узунчев промаши и пенал и на пет минути до крајот, Фараните тргнаа по плус пет. Водеа и со шест гола, 31-25, но постигнавме три гола во серија и на 90 секунди до крајот беше 31-28. Немаше време за нешто повеќе и на крајот противникот се радуваше на стартен триумф.

Македонија: Брестовац, Белистојановски 3, Галевски, Шулески, Т.Узунчев, Стојановски, Димковски 1, Петковски 3, Карасманакис 4, Субашевски 1, Димевски 2, Стојановски 2, Михајловиќ, Калајџиески 6, Д.Узунчев 6, Глигоров.

Следен предизвик за Македонија ќе биде дуелот против Романија кој се игра утре од 14:00 часот, додека пресметката со Исланд е на 21 јуни во истото време. Пред дуелот Македонија – Фарски Острови, Романија приреди сензација и го совлада Исланд со 29-25.