Митревски пред ПСЖ: Треба да играме својата игра, па што биде – нека биде

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер го очекува вториот натпревар од Лигата на шампионите и гостувањето кај ПСЖ.

Чуварот на мрежата Никола Митревски, вели дека самодовербата во тимот е на високо ниво по победите над Вардар и Загреб и дека се оди без притисок во Париз.

„Било каков и да е ПСЖ, се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастоварени на гостински терен во Париз. Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште отсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде“, изјави Митревски.

Натпреварот меѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер се игра во салата „Пјер Де Кубертен“ со почеток од 20:45 часот.