Македонските ракометни судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски ќе ја имаат честа да делат правда на еден од најреномираните ракометни турнири во Европа – „Трофеј Карпати“, кој од 31 октомври до 2 ноември ќе се одржи во Баја Маре, Романија. Тие стануваат се почесто барани судии, со оглед на квалитетот што го поседуваат и завидното ниво на досегашното делење на правдата на многу тешки меѓународни средби.
На турнирот во Романија ќе настапат четири национални селекции – Романија, Украина, Грузија и Словачка, кои ќе одиграат серија контролни натпревари во рамки на подготовките за претстојните европски квалификации.
За Митревски и Тодоровски ова е уште едно големо признание на меѓународната сцена. Тие се меѓу најдобрите судиски парови во Македонија и во Европа, редовно делат правда во натпревари од Лигата на шампионите, а во јануари 2026 година ќе бидат дел и од Европското првенство за мажи, како официјален судиски пар под покровителство на ЕХФ. Македонија за првпат на тоа ЕП ќе има две судиски двојки.
Со ова учество, македонската судиска школа уште еднаш потврдува дека има квалитет и углед на европско ниво.

























