Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во натпревар од 12. коло од Лигата на шампионите оствари важна победа на свој терен против Динамо Букурешт, триумфираше со 25:24 и остана во игра за пласман во осминафиналето. Најзаслужен за победата на домашниот тим беше голманот Никола Митревски, кој го одбрани последниот шут на Зеин за голема радост на домашните фанови.
Пелистерци го отворија натпреварот со голот на Домен Тајник, романците не нереализираа во првиот напад, а потоа Кузмановски погоди за 2:0. Динамо Букурешт првиот гол го постигна во 4 минута преку искусниот Кашпарек, кој намали на 2:1.
Избраниците на Алонсо дојдоа и до 4:1 по пет минути игра. Гостите казнија дел од грешките на македонскиот шампион, постигнаа два гола во низа и намалија на 4:3. Динамо Букурешт во неколку наврати имаше шанса да дојде до нерешено, но техниките грешки си го направија своето, домаќините повторно ка вратија предноста од воведниот дел, поведоа со 7:4.
Давид Дејвис мораше да побара минита одмор во 10 минута, а до 15 минута ниту една од двете екипи не успеа да реализира. Ракометарите на Динамо Букурешт како да беа изгубени до средината на првиот дел, немаа идеја во нападите, тешко доаѓаа до пробив и мораа да дадат повеќе од потребното.
По предноста на Еурофарм Пелистер од 9:6, гостите врзаа два гола во низа и намалија на минус еден, 9:8. Од тој момент започна големата борба, а составот на Дејвис во 25 минута конечно израмни на 12:12, потоа Вујовиќ му го донесе првото водство на гостинот, 13:12. Со овој резултат се замина и на полувреме.
Романскиот шампион на стартот на вториот дел поведе со 14:12, имаше на двапати шанса од пенал да дојде до плус три, при предност од 15:13, но Митревски не дозволи да биде совладан.
Кузмановски со два гола во низа израмни на 15:15 во 40 минута, а минута подоцна Павле Атанасијевиќ погоди за 16:15. Во еден период Динамо Букурешт имаше двајца исклучени играчи, но некако успеа да се извлече, најпрво израмни на 16:16, потоа во 43 минута поведе со 17:16.
Во играта на нерви, домаќините се одлепија на 19:17, но гостите повторно ја вратија неизвесноста израмнувајќи на 19:19. Во последните десет минути секој напад беше важен, а во големото надмудрување подобро се снајде македонскиот претставник.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Taјник со шест, како и Кузмановски и Радивојевиќ со по пет, додека голманот Митревски имаше 16 одбрани. Во составот на Динамо Букурешт се истакна Кашпарек со пет гола.