Португалскиот првак Порто прослави триумф во Лигата на шампионите и го совлада данскиот ГОГ Гудме со 32-31 во драматичен натпревар.
Јунак на мечот беше македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски кој освен што беше творец на големиот пресврт во вториот дел, во финишот имаше и неколку клучни интервенции. Митревски имаше 14 интервенции, со околу 60% на успешност.
Порто отвори со водство од 3-1, но ГОГ Гудме набрзина воспостави рамнотежа и стигна до 6-6, а потоа како одминуваше времето ја градеше позитивата која на паузата беше шест гола, 21-15.
Во меѓувреме Митревски влезе на местото на Рема, кој не беше најсигурен меѓу стативите и нашиот голман го врати Порто во игра. Имаше неколку одбрани во серија, Порто стигна до минус три, 21-18, а потоа и на минус еден, 23-22.
Митревски продолжи да блеска, фати и чист зицер на седум минути до крајот и Порто израмни на 28-28. Потоа ниту Олсен не можеше да го совлада нашиот голман, па домашните ги казнија грешките на ГОГ и стигнаа до водство, 30-29.
Беше 30-30 по голот на Мадсен, а потоа и 31-31 на минута до крајот. Магалаеш даде победнички гол на десетина секунди, ГОГ не успеа да реализира и победата остана во Португалија.
Најдобри стрелци во Порто беа Ареиа со шест и Микелсен со пет погодоци, додека кај ГОГ Гудме се истакнаа Мадсен со шест и Менсинг со пет гола.