Најголемото засилување за Еурофарм Пелистер ова лето несомнено е македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски.
Тој по три сезони во португалскиот Порто, одново се враќа во шампионот на Македонија и ги сподели импресиите по камбекот.
„Секогаш е убаво кога се враќаш дома, без разлика дали кратко или долго. Оваа приказна со Еурофарм Пелистер трае и чест и задоволство е што повторно имам шанса да бидам дел од екипата во која што почнав да играм, пред своите сограѓани, пред својата публика, во својот град. Во овој клуб се работи правилно, доказ за тоа е што се доби вајлд-карта за Лигата на шампионите и Еурофарм Пелистер оди по правата линија кон успехот. Ќе играме против најдобрите екипи и ќе бидеме дел од кремот на европскиот ракомет, исто така и публиката ќе има можност да присуствува на спектакли каде секој натпревар во ЛШ е посебно доживување. Екипата е спој на домашни и странски играчи, искусни и помалку искусни. Очекувам да бидеме сплотени и сите заедно да ги оствариме клупските цели кои што ги имаме поставено пред нас“, изјави Митревски.
Тој ќе ги има првите натпревари за старо-новиот тим во Србија, а потоа екипата ќе биде дел од три турнири во Струга, Болу и Добој.