Македонскиот репрезентативец Марко Митев се врати на терените по долгата пауза на натпреварот кој неговиот тим го доби во Автокоманда против Струга со убедливи 44-27.
Тој паузираше од март годинава, кога ги скина лигаментите, а Лазаров реши да му даде шанса против стружани, а Митев реализираше два пати и подели две асистенции
Стружани парираа во првите десетина минути, но потоа домашниот тим ги казнуваше сите гостински грешки, постигнуваше лесни и брзи голови и на паузата беше 20-13.
Во првите пет минути од второто полувреме момците на Лазаров дадоа уште четири гола за 24-13 и до крајот непозната беше колкава ќе биде разликата во корист на домашните.
Стружани имаа свои моменти, но тоа не беше доволно за да се заканат по високото водство на „сино-белите“. Најдобар поединец во нивниот тим беше Маџдуб со седум погодоци, додека кај победниците се истакнаа Ѓорговски со седум и Стојковиќ со шест гола.
Во следното коло тимот на Лазаров го очекува тешко гостување кај Вардар, додека Струга ќе игра дома против Еурофарм Пелистер 2.
























