„Митев не играше поради повреда, но треба да биде подготвен за Австрија“

Македонија ја победи Гвинеја со 29-20 и се пласираше во главната рунда на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка.

Селекторот Кирил Лазаров му даде шанса на Валентин Карасманакис, кој беше во ростерот наместо Марко Митев, кој имал мала повреда.

Лазаров сепак потенцираше дека тој ќе биде подготвен за Австрија.

„Ги сочувавме и Митревски, Маркоски, Пешевски, Митер, Лазаревски и Велковски, а успеавме да триумфираме со речиси десет разлика. Митев има ситна повреда, не можеше да игра, но очекуваме да биде 80 проценти подготвен и да излезе на терен против Австрија“, изјави Лазаров.

Македонија прво ќе игра против Австрија, а в четврток ќе се сретне со Катар предводен од Веселин Вујовиќ.

„Вујо е интересен за нас, за навивачите и за сите во Македонија. Тој има добро минато во нашата земја, но станува збор за голем џентлмен кој знае како да се однесува. Вујовиќ е интересен за медиумите и јавноста, но сигурен сум дека ќе биде коректен. На крајот, нека победи тој што ќе биде подобар“, заврши Лазаров.

Средбата меѓу Македонија и Австрија се игра во вторник од 15:30 часот во „Вараждин Арена“.