Беше ракометен јунак во Македонија, сега вторпат по ред е нај-тенисер во Црна Гора!

Еден од најефикасните странски ракометари што настапуваа во поновата историја во македонскиот шампионат, Мирко Мајиќ, продолжува да импресионира и по краjoт на играчката кариера. Поранешниот ас на Бутел Скопје, Тиквеш, Радовиш и МАКС Струмица, и натаму е спортски активен – овој пат на тениските терени.

Мајиќ вторпат стана шампион на најсилната сениорска тениска конкуренција во неговата татковина Црна Гора. Тој уште еднаш покажа дека и по ракометната пензија, натпреварувачкиот дух и дисциплината му се во крвта.

Откако се врати во Црна Гора, Мајиќ ја започна својата тренерска кариера, придружувајќи се на Будуќност Подгорица како дел од стручниот штаб, но сега не работи во ракометот, бидејќи се одлучи само за тренерска кариера во тенисот и работа со млади категории. Неговата богата играчка биографија вклучува настапи за Будуќност, Рудар Плевља, Сутјеска и Даниловград, пред да потпише за МАКС Струмица во 2015 година и да го започне својот македонски ракометен пат.

Во Македонија, тој настапуваше и за Радовиш, а најдолг и најуспешен период мина во Бутел Скопје – дури пет сезони, каде стана еден од најзначајните играчи во историјата на клубот. Последната сезона ја одигра во Тиквеш, а со двата клуба настапуваше и во европските купови. За македонските клубови, Мајиќ постигна над 1.000 голови – импресивна бројка што го вбројува меѓу најпродуктивните странски ракометари што играле во земјата.

И на ракометниот терен и на тениското игралиште, Мајиќ продолжува да го живее спортот со иста страст и посветеност. Овој мултиталентиран спортист е доказ дека љубовта кон спортот нема рок на траење.