Легендарниот хрватски голман Мирко Алиловиќ испиша историја во европскиот ракомет! Со настапот на натпреварот меѓу ПИК Сегед и Висла Плоцк (33-34), тој влезе во својата 23-та сезона во Лигата на шампионите – апсолутен рекорд кој тешко дека некој ќе го достигне.
Иако на овој натпревар бранеше само шест минути и не запиша одбрана (0/6), Алиловиќ не бркаше статистика, туку историја. Дебитираше во ЛШ како 17-годишник во дресот на Извиѓач, а потоа бранеше за Адемар Леон, Целје, Веспрем, ПИК Сегед и сега за Висла Плоцк.
Во репрезентацијата на Хрватска настапуваше 13 години и играше на 13 големи натпреварувања, оставајќи зад себе импресивна кариера полна со професионализам, посветеност и љубов кон ракометот.
23 сезони во најсилното европско натпреварување се бројка што изгледа недостижна – и доказ дека на 39 години Мирко и понатаму ја има истата страст како на почетокот. Неговиот рекорд ќе остане траен симбол на посветеност и инспирација за генерациите што доаѓаат.