Германскиот вицепрвак Фуксе Берлин предводен од голманот Дејан Милосављев, славеше со 30-22 на гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.
Српскиот чувар на мрежата собра 14 интервенции и беше нерешлива енигма за ракометарите на македонскиот првак.
Тој се потсети на времето кога играше за Вардар и вели дека битолскиот клуб е напреднат во сите сегменти.
„Еурофарм Пелистер многу напреднал од времето кога јас играв во Вардар и организациски и играчки, навистина беше убава атмосферата. Но пак ќе кажам, Вардар беше број еден, и се надевам дека пак ќе биде. Сега сум поискусен, во Вардар бев дете кога дојдов, играм Бундес лига пет сезони, а сега дојдов првпат овде по пет сезони“, вели Милосављев.
Тој брани заедно со младинскиот репрезентативец на Германија, Ласе Лудвиг, а тренер на голманите во Фуксе Берлин е Дејан Периќ.
„Ние сме еден тим со Лудвиг, заедно со Периќ, заедно ги подготвуваме натпреварите. Пелистерци не се лесни за бранење, па ако главата и телото не се спремни, може да имате големи проблеми“, продолжи Милосављев.
Српскиот репрезентативец посакува титула со Фуксе Берлин во Бундес лигата.
„Играме на два силни фронтови, се надевам дека сите играчи ќе останат здрави и ќе може да бркаме титула во Бундес лигата, иако сите екипи се засилени. Одиме меч по меч и ќе чекаме шанса, лани пропуштивме многу прилики, се надевам сезонава нема да биде така“, заврши српскиот голман.
Фуксе Берлин по долго време се врати во елитната конкуренција и сега ја запиша првата победа, а следен предизвик ќе биде гостувањето кај данската Фредериција.