„Мило ми е што го преживеа ракот за да го гледаш твојот беден тим како губи“

Тренерот на Колстад, Кристијан Берге, добил навредлива СМС порака по поразот на неговиот тим во финалето од Купот на Норвешка против Рунар. Берге јавно ги објави пораките на неговиот Фејсбук профил.

Пораката дополнително ја шокираше спортската јавност бидејќи содржи навреда поврзана со тешката болест низ која Берге поминал во минатото. Норвешкиот стратег во 2005 година имаше канцер, додека настапуваше како професионален ракометар за Фленсбург во Германија.

„Мило ми е што го преживеа ракот за да можеш да го гледаш твојот беден тим како губи во финале“, му напишал извесен Мортен.

Колстад неочекувано загуби од Рунар во финалето, во натпревар во кој противникот доминираше на стартот и поведе со 11-3. Иако најдобриот играч на Рунар доби црвен картон во раната фаза, сепак Колстад, кој се соочува со големи финансиски проблеми, не успеа да се врати и остана без трофејот.

„На крајот од една тешка година, во која многумина имаа мислење за сè и сешто, ја добив оваа порака од ‘Мортен’. Обично вакви работи не ме допираат, но ова е далеку над границата и ‘Мортен’ заслужува овие зборови да бидат јавно објавени. Ти благодарам, Мортен. Погоди во целта. Пораката навистина ме повреди. До сите други – Ви посакувам среќни празници и успешна нова година“, напиша Берге.

Случајот предизвика бројни реакции и осуди на социјалните мрежи, а многумина застанаа во одбрана на Берге, потенцирајќи дека ваквото однесување нема место во спортот.