Репрезентацијата на Црна Гора во последниот натпревар од главната фаза од Европското првенство 2024 беше поразена од Шведска со 25:24 и не успеа да го обезбеди третото место во првата група, па така нема да игра за петто место.
Натпреварот против Шведска беше последен за универзалниот бек Милена Раичевиќ, која одлучи на 35 години да ја заврши кариерата. Раичевиќ беше дел од сите подеми на Црна Гора, а најголемиот успех со црногорската репрезентација го оствари на Европското првенство во Србија и Олимписките игри во Лондон (2012).
Црногорките на континенталниот собир во Србија завршија на првото место, додека на најголемата спортска манифестација на светот беа второпласирани. Освен со репрезентацијата, Раичевиќ имаше низа успеси на клупско ниво. Со Будуќност двапати ја освои Лигата на шампионите, во сезона 2011/12 и 2014/15.
,,Ја завршив кариерата, среќна сум што тоа се случи со репрезентацијата, кога не можеше во дресот на Будуќност”, изјави Раичевиќ.
Искусната Раичевиќ последниот клупски ангажман го имаше во Рапид Букурешт, клуб во кој доби отказ поради лошите резултати во Лигата на шампионите. Токму во романскиот шампион пристигна од Будуќност. Како што е познато, Раичевиќ и Будуќност беа во судски спор поради неисплатени плати, а ЕХФ пресуди во корист на сега веќе пензионираната ракометарка.