Ракометарите на ПИК Сегед славеа против Келце со 26-23 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.
Клучен во победата на унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед беше ветеранот Роланд Миклер, кој успеа да запре 16 удари на гостинските ракометари и 46% успешност.
Во најголем дел од мечот се играше израмнето, ниту една од екипите немаше предност поголема од еден или два гола, се до последните две минути.
По 24-23 за ПИК Сегед, Кукиќ и Род стрелаа за плус три, 26-23, па Талант Душебаев побара тајм-аут, но неговите момци не погодија и ќе бркаат три гола негатива на реваншот.
Покрај Миклер, Кукиќ даде шест гола за ПИК Сегед, а Шоштариќ уште четири, додека Јарошевич беше стрелец на шест погодоци за Келце. Голманот Ферлин имаше 11 одбрани.
Победникот од овој двомеч ќе игра со европскиот првак Магдебург во четвртфиналето.























