Миклер „полуде“ на голот, Еурофарм Пелистер со пораз се враќа од Сегед

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај ПИК Сегед со 35-20 во натпреварот од 8 коло во Лигата на шампионите и останува на седмото место на табелата со 4 бодови.

Се играше гол за гол во првите десетина минути до 3-3, а голманот на домаќините, Роланд Миклер, уште од стартот најави дека ова ќе биде негова вечер и собра 11 интервенции до паузата, а мечот го заврши со 19 за 50 минути игра, односно 53% успешност. Потоа домаќинот казни неколку грешки на битолчани, отиде на 6-3, па Гарабаја реагираше со минута одмор. Не се промени многу во играта на македонскиот првак, а иако Хеидарирад беше одличен на голот, ПИК Сегед лесно ја пробиваше одбраната.

Домаќините отидоа на плус пет, 10-5, Митревски фати пенал, а битолчани го искористија исклучувањето на Калараш и се вратија на три негатива, 11-8. Но ПИК Сегед до паузата одново ја врати позитивата од пет, имаше и пенал за шест разлика, но Силаѓ не го погоди, па резултатот беше 14-9.

Каде што застана Миклер во првиот, таму продолжи и во вториот дел, па набрзина предноста на домашните отиде и на десет погодоци, 23-13, па Гарабаја ги внесе во игра браќата Атанасијевиќ, Ристевски, Хаџиќ…а Митревски застана на голот место Хеидарирад. Домашните не пропуштаа да ја казнат секоја грешка на пелистерци, а Миклер и натаму блескаше на голoт, па разликата во корист на унгарскиот вицепрвак до крајот само растеше до конечните 15.

Покрај Миклер, во домашниот тим се истакнаа и Фримел и Кукиќ со по седум погодоци, додека кај Еурофарм Пелистер по три пати стрелаа Манасков, Петар Атанасијевиќ и Хаџиќ. Следен предизвик за битолчани ќе биде домашниот натпревар со европскиот првак Магдебург на 26 ноември од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.